­

Историја на Виноскоп

Историја на Вино-Скоп

Историја на Вино-Скоп

Вино - Скоп 2012


На 10ти Октомври 2012 година, се одржа и шестото по ред издание на интернационалниот вински фестивал „Вино-Скоп". Фестивалот го ипослни своето ветување и се погрижи за една автентична атмосфера на плоштадот Македонија. Посетителите имаа можност да пробаат многубројни, различни видови сортни вина и да замезат со вкусна храна, а сето тоа проследено со музика за душа.

Оваа година на фестивалот учествуваа околу 20 македонски винарии. Настанот беше отворен од страна на градоначалникот Коце Трајановски и министерот за земјоделство, Љупчо Димовски. На отварањето на фестивалот присуствуваа околу десет илјади посетители. Помеѓу изведувачите се појавија : Игор Џамбазов, Гуру Харе бенд, Чалгии, Нокаут, Скандал Састав, како и многу други изведувачи кои се погрижија за добрата атмосфера.

Вино - Скоп 2011

Во организација на Винотека „Темов" и Градот Скопје и оваа година граѓаните имаа можност да ги дегустираат домашните и странски вина, разновидните гурмански специјалитети, како и да уживаат во изведбата на голем број македонски и странски изведувачи. „Виното е дар од боговите" вели старата поговорка, која беше само потврда дека на овој боженствен напиток не може никој да му одолее.

Познато е дека Македонија е земја со голема традиција и умешност во производство на прекрасни вина. Обезбедена беше музичка програма со голем број артисти како Влатко Стефановски, Даутовски квартет, Игор Џамбазов, Есма Реџепова, Гоце Арнаудов, гости од Хрватска и Косово, како и многу други.


"Македонците се верни љубители на убавото вино, а одзивот и интересот за фестивалот во минатите години беше одличен. Оваа година, подготвивме богата програма, со нови и разновидни содржини и очекуваме уште поголема посетеност. Исто така, на едно место ќе се обединат македонските винарии, а целта е да се оствари поголема соработка меѓу нив - фактор за градење добар имиџ и промоција на одличното македонско вино", изјави Фимка Шопова - Темова, еден од организаторите на Вино-Скоп.

Вино - Скоп 2010


Во 2010 година, по четврти пат се одржа интернационалниот фестивал на виното наречен „Вино-Скоп". Фестивалот се одржа на веќе добро познатата локација, кејот „13 Ноември", под покровителство на Град Скопје. Музичката програма опфати голем број македонски изведувачи како и странски. Фестивалот традиционално го отвори Ристо Самарџиев, а настапија и Зоран Џорлев, Зафир Хаџиманов, Вања Лазарова, како и познатиот Тони Китановски и оркестарот „Черкези".

Од странските изведувачи настапија и гости од Шведска „Крусумусик", Италијанците „Замбрамора", Хрватите „Фрикови" и многу други. Учествуваа триесетина домашни и странски винарии. За добрата атмосфера се погрижија и аниматорите, пантомимичарите и одачите на штули, кои ги претставуваа винските богови. Битно е да се каже и дека оваа година за прв пат учествуваа и увозници на хрватски вина.

Вино - Скоп 2009


Третиот по ред „Вино-Скоп" се одржа на старата добро позната локација, кејот „13 Ноември" со времетраење од 4 дена. Покровител на фестивалот, како и до сега, беше Градот Скопје, а организатор винаријата „Темов". Како и секоја година, бројот на винарии се зголемува, така и оваа беше зголемен на 40 домашни и странски винарии, поставени на плоштадот. Посетителите на отварањето на фестивалот уживаа во звуците на „Синтезис", а наредните денови на гостите од Италија, Шпанија, Романија, Холандија, Канада, Хрватска, како и од земјава.

Вино - Скоп 2008


Во 2008 година фестивалот „Вино-Скоп", по втор пат се одржа на кејот „13 Ноември" под покровителство на Градот Скопје. Тридневното винско случување имаше за цел да го претстави долгогодишното производство на вина од нашата земја, како и нашето културно наследство и традиција. Оваа година бројот на винарски визби беше двојно зголемен, а присуствуваа и претстваници од Србија, Хрватска и Црна Гора, со што овој фестивал премина во интернационално случување. На отварањето на фестивалот настапија Ристо Самарџиев, Јаков Дренковски и „Балашевиќ трибјут бенд", додека другите денови беа резервирани за голем број други изведувачи и групи.

Фестивалот имаше повеќе од 12 000 посетители. Дегустацијата и оцените на најдобрите вина беа извршени од страна на четворица експерти од Велика Британија, Хрватска, Бугарија и Австрија. Оценувањето на вината се изврши во три категории на црни, бели и барик- вина. За присутните, организаторите обезбедија чаши со логото на манифестацијата.

Вино-Скоп 2007


Во 2007 година граѓаните на град Скопје, за прв пат имаа можност да го проследат Меѓународниот вински фестивал „ Вино-Скоп ". Настанот се одржа на кејот „13 Ноември", а на манифестацијата се претставија 20 македонски винарии. Во текот на фестивалот, пак, се одржа професионална дегустација, на која вината од македонските винарии беше оценувана од страна на тројца странски и двајца домашни судии.

Гости на фестивалот беа професионалниот дегустатор Кевин Мур, од магазинот за вино " Harpers Wine and Spirit ", од Велика Британија, и судијата за вино од Италија, Енрика Тицијати, експерт за италијански вина. Победниците на фестивалот беа винариите: Винар, Сковин, Шато Камник, Пивка и Попова кула. Фестивалот, исто така, беше проследен и со богата културно-уметничка програма, која покрај македонски хорови, етно бендови и дувачки оркестри, настапија и музички гости од Италија и Војводина. Средствата кои беа собрани од акуцијата на вина, која Град Скопје ја организираше во рамките на овој фестивал за промоција на македонски вина, беа донирани во хуманитарни цели за помош на Детска болница „Козле".

 

Назад кон: За Фестивалот